Volkswagen AG им претстави предлог на работниците што всушност е план за избегнување на затворање на фабриките во Германија.
Арне Мајсвинкел, главниот преговарач на германскиот гигант, рече дека планот вклучува намалување на платите за 10 отсто и промени во системот за бонуси. Целта на мерките е да се зајакне брендот VW, кој се бори со слабата побарувачка во Европа и сè поинтензивната конкуренција во Кина.
Директорите на Volkswagen и синдикатот предупредија дека затворањето на погоните останува можност доколку не се постигне договор за други мерки.
„Отворени сме за сите дискусии за да ги постигнеме нашите финансиски цели“, изјави Мајсвинкел за новинарите во Волфсбург по разговорите со синдикатот на работниците. Платите во Volkswagen ќе останат „многу атрактивни“ дури и по кратењата.
Volkswagen неколку часа пред преговорите објави податоци за најнепрофитабилниот квартал во изминатите неколку години, што е дополнителен мотив за воведување драстични мерки во Германија. Синдикатот ги претстави плановите претходно оваа недела, кои вклучуваат намалување на платите за 10 отсто, како и затворање на најмалку три фабрики во најголемата европска економија.
Најновиот план на Volkswagen го претставува „првиот мал сигнал“ за напредок, рече синдикалната претставничка Даниела Кавало. Таа додаде дека затворањето на фабриките не е невозможно сценарио и дека работниците сè уште се „под штрек“.
Синдикатите долго време се спротивставија на промените на водечкиот бренд VW, кој лансираше неколку електрични автомобили и се бори со продажбата.
Падот на продажбата во Кина и се посилната конкуренција во Европа, каде побарувачката допрва треба да се врати на нивоата пред пандемијата на коронавирус, придонесоа за пад на приходите на Volkswagen. Брендот VW, каде би се случиле најголем дел од „кратењата“, заработи само 2,1 отсто оперативна маржа во првите девет месеци од оваа година.
Додека синдикатот IG Metall бара зголемување на платите, Мајсвинкел рече дека намалувањата се потребни за да се зголеми профитабилноста на брендот. Барањата за плати на компанијата мора да се исполнат за да се унапредат разговорите за прашања како фабриките и работните места, додаде Мајсвинкел.
„Само ако најдеме заеднички решение за да ги постигнеме нашите финансиски цели, можеме да замислиме конкретни изгледи за германските локации и можна сигурност на работните места“, посочи тој.
Предлозите на Volkswagen веројатно ќе предизвикаат уште посложени преговори, а следната рунда е закажана за 21 ноември. Грејс периодот истекува на крајот на следниот месец, додека предупредувачките штрајкови се можни од 1 декември.