На Волстрит минатата недела берзанските индекси пораснаа по четврти пат по ред, достигнувајќи рекордни нивоа, додека на европските берзи цените на акциите благо се лизнаа од рекордното ниво.

Dow Jones зајакна 1,2 отсто, на 40.003 поени, додека S&P 500 порасна за 1,5 отсто, на 5.303 поени, а индексот Nasdaq за 2,1 отсто, на 16.685 поени.
Индексите пораснаа четврта недела по ред и достигнаа рекордни нивоа. Ова најмногу се должи на надежта на инвеститорите дека инфлацијата во САД ќе ослабне во иднина, што би отворило простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки. Минатата недела, имено, беше објавено дека потрошувачките цени пораснале нешто помалку од очекуваното во април.
Благодарение на ова, заживеаја шпекулациите дека американската централна банка двапати ќе ги намали каматните стапки во втората половина од годината, во септември и декември, за по 0,25 процентни поени.
Но, инфлацијата сè уште е далеку над целното ниво на ФЕД од 2 отсто, а новите податоци исто така покажаа дека цените на производителите се зголемија повеќе од очекуваното во април. А тоа би можело да поттикне раст на потрошувачките цени во наредните месеци. Дополнително, челниците на ФЕД повторуваат дека не се убедени дека инфлацијата е контролирана и дека не брзаат да ги намалат каматните стапки.
Оттука, се поставува прашањето колку навистина се реални пазарните проценки за намалувањето на каматните стапки. Дотолку повеќе што на почетокот на годината се шпекулираше дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки најмалку пет пати оваа година, за вкупно 1,5 процентни поени.
„Се чини дека сите се фокусирани на тоа што ФЕД може да направи или не, имајќи предвид дека ја започнавме годината со очекувања дека каматните стапки ќе се намалат можеби дури шест пати, а сега тие очекувања паднаа на едно до две намалувања“, вели Сајлас Мајерс, директор во Mar Vista Investment Partners.
И на европските берзи минатата недела се тргуваше претпазливо, па индексите се лизнаа од рекордните нивоа што ги достигнаа пред една недела. Лондонски FTSE загуби 0,2 отсто минатата недела, на 8.420 поени, додека франкфуртски DAX падна за 0,4 отсто, на 18.704 поени, а париски CAC падна за 0,6 отсто, на 8.167 поени.а