Берзанските индекси на Волстрит значително пораснаа бидејќи во Вашингтон наскоро можеше да се постигне договор во врска со задолжувањето на државата и бидејќи цените на акциите на регионалните банки нагло пораснаа.

Dow Jones зајакна 1,24 отсто, на 33.420 поени, додека S&P 500 порасна за 1,19 отсто, на 4.158 поени, а индексот Nasdaq 1,28 отсто, на 12.500 поени.
Најмногу вчера поскапеа акциите на регионалните банки, бидејќи инвеститорите се надеваат дека кризата во тој сектор, која трае од март, кога пропаднаа две банки, е завршена.
Цената на акциите на Western Alliance Bancorp скокна за повеќе од 10 отсто, откако банката соопшти дека нејзините депозити пораснале за повеќе од 2 милијарди долари минатиот квартал.
Ова ги зголеми цените на акциите на другите регионални банки, па индексот KBW на тој сектор скокна за 7,3 отсто. Индексот S&P 500 на банкарскиот сектор, пак, порасна за 4,5 отсто.
Инвеститорите беа охрабрени и од изјавите на американскиот претседател Џо Бајден и водечкиот републиканец во Конгресот, Кевин Мекарти, дека се решени да постигнат договор за зголемување на плафонот на државниот долг.
Доколку демократите и републиканците во Конгресот не постигнат договор за зголемување на задолжувањето до 1 јуни, федералните власти нема да можат да ја финансираат работата на некои државни институции.
„Изјавите на Бајден и Мекарти укажуваат дека договорот е блиску, што значи дека овој проблем наскоро би можел да остане зад нас. Се чини дека проблемите на регионалните банки се зад нас, па инвеститорите се оптимисти“, изјави Рик Меклер, партнер во Cherry Lane Investments.
И на европските берзи вчера претпазливо се тргуваше. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,36 отсто, на 7.723 поени, а париски CAC за 0,09 отсто, на 7.399 поени. Франкфуртски DAX зајакна, пак, за 0,34 отсто, на 15.951 поен.