Кошарка

Вориорс ќе го пензионираат дресот со број 35 во чест на Кевин Дурент

2. јули 2019 - 11:04 | К.З.

Пред само два дена Кевин Дурент реши дека ќе го напушти тимот на Голден Стејт Вориорс, а веќе почна да добива признанија за неговата краткотрајна кариера во Оукленд. Според раководството на Вориорс, дресот со број 35 кој го носеше Дурент ќе биде пензиониран и закачен во салата во знак на чест кон него.

Кеј Ди пристигна во Голден Стејт во 2016 година, веднаш откако Вориорс ја имаа историски најдобрата регуларна сезона во историјата на лигата (73-9), но беа поразени во финалето од Леброн Џејмс и Кливленд Кавалирс.

По пристигнувањето во Голден Стејт, Дурент му помогна на тимот да стигне до две последователни титули, но ја загуби оваа последната, во која тој не можеше да помогне бидејќи имаше тешка повреда на Ахиловата тетива поради која веројатно ќе ја пропушти целата наредна сезона. Притоа, двапати беше прогласен за МВП на финалето.

Сопственикот на Голден Стејт Вориорс, Џо Лејкоб, најави дека дресот со број 35 ќе биде пензиониран и никој повеќе нема да го носи. Тој ќе биде закачен во салата помеѓу оние на легендите како Нејт Турмонд, Вилт Чемберлејн и Рик Бери.

Вчера беше официјализиран договорот на Кевин Дурент со Бруклин Нетс, каде пристигнува заедно со Кајри Ирвинг. Двајцата играчи се обврзаа на четиригодишни договори со тимот од Њујорк.

Коментирај