Интернет

Вознијак: Ако сакате приватност, тргнете се од Facebook

10. јули 2019 - 13:50 | К.З.

Критиките упатени кон Facebook во последните неколку години стануваат сѐ почести, но популарноста на социјалната мрежа никако да се намали. Коосновачот на Apple, Стив Вознијак, имаше сопствени забелешки околу недостатокот на приватност на Facebook, а даде и свој совет за корисниците на мрежата.

Вознијак смета дека луѓето треба да се исклучат од Facebook доколку сакаат да ја задржат нивната приватност, бидејќи треба да бидат свесни дека во спротивно самите дозволуваат некој да манипулира со нивните податоци.

Некогашниот најблизок соработник на Стив Џобс тврди дека преку апликацијата Facebook е можно да се прислушкуваат телефоните на корисниците и предупредува дека „скоро и да не постои начин тоа да се спречи“.

„Постојат различни типови на луѓе и некои од нив сметаат дека предностите од Facebook се доволно големи за да се жртвува приватноста. Но за многумина, како што сум јас, имам препорака која гласи: најдете начин да се тргнете од Facebook“, изјави Вознијак.

Тој го напушти Facebook засекогаш минатата година, со тоа што го избриша неговиот профил набрзо откако се дозна за скандалот со Cambridge Analytica, а им порача на сите кои се загрижени за нивната приватност да го направат истото.

„Знаат сѐ за вас. Тоа значи дека со помош на ласери можат да ги измерат отчукувањата на вашето срце и можат да ве слушаат од сите уреди на кои сте поврзани. Посебна опасност се телефонските разговори, бидејќи тие слушаат и она што треба и она што не треба. А знајте дека скоро и да не постои начин тоа да се спречи. Којзнае дали во овој момент мојот телефон се прислушува“, додава Вознијак.

Колку и да беше критичен према Facebook, Стив Вознијак даде и идеја за решавање на проблемот. Тој верува дека компанијата на Закерберг треба да им понуди на корисниците опција да платат за сопствената приватност.

„Луѓето мислат дека имаат степен на приватност која всушност ја немаат. Зошто не им се дава таква можност? Дозволете ми да платам одреден износ, а вие ќе ги чувате моите податоци на безбедно и приватно. Оние кои не плаќаат нека ги ризикуваат своите податоци“, заврши Вознијак.

Коментирај