Вести

Возови со магнетна левитација – иднината на транспортните технологии

29. мај 2018 - 15:06 | К.З.

Неверојатно брзи, чисти и не загадуваат, но чинат многу, многу пари. Возовите со магнетна левитација ни беа ветени уште пред 20 години, но денес тие остануваат малцинство во транспортната индустрија. Треба ли повторно да се отвори прашањето за нив?

Тие се чисти, многу брзи, немаат тркала ниту мотор кој може да откаже и пловат безвучно низ воздухот, а единствената работа која ги спојува со земјата е магнетната сила која тече низ пругите.

Возовите Маглев (магнетна левитација) во 1980-те беа замислени како Светот на иднината, и во нив беа вперени многу погледи кои ја опишуваа оваа технологија како „спасување на превозната индустрија“, бидејќи таа овозможува да се избегне сообраќајниот метеж и да се патува од град во град со брзина од преку 800 километри на час.

Без тркала на шините, на Маглев возовите не им прават разлика временските услови и може да патува во било какво време, во било кој дел од денот. Бидејќи магнетната сила е онаа која го одржува на шините, ваквиот воз е најбезбедното патничко средство кое можете да го користите, поради тоа што колку повеќе возот се оддалечува од шините, толку повеќе магнетната сила го влече назад.

Со оглед на тоа дека тие можат да патуваат во исто темпо на секаква патека, замислете колку многу би се олеснила работата на градовите и државите кои треба да го испланираат нивниот возен ред. Возовите Маглев веројатно никогаш не би доцнеле, а многу малку е веројатно дека некогаш би можеле да имаат дефект.

Па добро, зошто тогаш повеќе држави не размислуваат за воведување на вакви возови?

Примарно поради тоа што тие се многу скапи. За голем дел од земјите во светот, дури и прескапи. Првиот ваков воз се појави во 1984 година во Британија, кога од аеродромот во Бирмингем беше воведен AirLink шатл чија задача беше да ги пренесува патниците од аеродромот до градот. Тој беше евтин за возење и многу популарен, но премногу скап за одржување поради тоа што имаше уникатни делови и во 1994 година беше укинат. Слични обиди во годините потоа имаа и Германија и Јапонија.

Парите се најголемата пречка кога е во прашање воведувањето на оваа технологија. Ако сакате да изградите Маглев линија, тогаш тоа морате да го направите од нула, бидејќи таа не е слична на ниту една друга транспортна технологија. Малата Маглев линија во Шангај чинеше 900 милиони долари, додека Јапонија ќе гради целосно функционална Маглев инфраструктура со повеќе линии која ќе чини околу 62 милијарди долари. Американската влада најави дека во случај да се гради ваква линија во САД, таа ќе чини околу 100 милиони долари по километар.

Ако сакате да го погледнете напредокот на оваа технологија, тогаш обрнете внимание на она што се случува во Азија. Азискиот континент изгледа како најконкурентен и најнапред од сите, така што очекувано е дека јапонската и шангајската Маглев линија би требало да биде револуционерна во светот на транспортните технологии.

Коментирај