Фудбал

Враќање дома: Матс Хумелс се врати во Борусија Дортмунд

19. јуни 2019 - 16:09 | К.З.

По само три сезони поминати во Минхен, стоперот на германската репрезентација Матс Хумелс реши да се врати онаму каде што го изгради името. Борусија Дортмунд е старо-новиот дом на Хумелс, кој е четвртиот голем трансфер летово за „милионерите“ од Сигнал Идуна Парк.

Три заеднички лигашки титули подоцна, Баерн Минхен и Матс Хумелс (30) решија дека е време да се разделат и стоперот направи трансфер во Борусија Дортмунд за сума од 38 милиони евра.

Репрезентативецот на Германија имаше сезона за заборав во дресот на Баерн Минхен и покрај тоа што го освои домашното првенство, бидејќи често беше мета на критики поради слабите партии кои ги прикажуваше. Враќањето „дома“ би можело да му донесе свеж старт на место кое многу добро го познава и би му помогнало полесно да ја заборави минатата сезона.

За време на неговиот прв престој во Дортмунд, Хумелс успеа двапати да ја освои Бундеслигата во 2010/2011 и 2011/2012, а беше и дел од финалето во Лигата на шампионите во кое загуби од неговиот иден клуб Баерн Минхен.

Тренерот на Борусија Дортмунд, Лусиен Фавр, веќе направи четири големи трансфери летово. Клубот претходно го засилија Џулијан Брандт, Торган Азар и Нико Шулц, а Матс Хумелс би требало дополнително да ја зацврсти одбраната во пресрет на следната сезона.

Коментирај