Фудбал

Враќање на повидок: Лампард во Лондон преговара за тренерската позиција во Челзи

11. јуни 2019 - 15:59 | К.З.

„Сините“ од Лондон активно се во потрага по достојни кандидати за да ја пополнат тренерската позиција, која многу веројатно ќе остане празна откако актуелниот тренер Маурицио Сари ќе си замине за да стане нов стратег на италијанскиот шампион. Помеѓу кандидатите е и едно познато име кај навивачите на Челзи.

Челзи го повика на разговор долгогодишниот капитен на тимот, Френк Лампард, кој би можел да биде замена за Маурицио Сари на клупата на „сините“.

Како што стојат работите, сѐ поизвесно е дека Маурицио Сари ќе си замине од Стемфорд Бриџ и ќе потпише договор со италијанскиот гигант Јувентус. Тоа отвора простор за нов тренер во Челзи, кој ќе има тешка задача да ги постигне зацртаните цели за следната сезона, со оглед на тоа што клубот има забрана за трансфери и веќе го продаде најдобриот играч од изминатите неколку години, Еден Азар.

Френк Лампард имаше прилично успешна сезона со Дерби Каунти, во која го предводеше тимот до финале во плејофот од Чемпионшип лигата, но го загуби тој натпревар и не успеа да се пласира во Премиер лигата. Тој од поодамна е фаворит за тренерското место во Челзи, но клубот има намера да интервјуира уште неколку кандидати пред да му ја предаде позицијата на легендарниот фудбалер.

Помеѓу останатите кандидати се наоѓаат поранешниот тренер на Милан и Јувентус, Масимилијано Алегри, потоа Рафа Бенитез, кој во моментов го предводи Њукасл и актуелниот тренер на Ајакс, Ерик тен Хаг. Откако ќе завршат сите интервјуа, раководството на Челзи ќе одбере наследник на Сари.

Коментирај