Музика

Вредна за Оскар: Критичарите одушевени од песната на Били Ајлиш за Џејмс Бонд

14. февруари 2020 - 9:45 | А.С.

Последниот филм за Џејмс Бонд во кој ќе игра Даниел Крег ја доби насловната песна „No Time To Die“ во изведба на тинејџерската сензација Били Ајлиш.

Мрачната атмосфера и злокобниот текст на песната алудираат на лаги и разочарување, а меланхоличниот глас на Ајлиш придонесува да ве полазат морници кога ја слушате песната.

Обожавателите на франшизата со нетрпение ја очекуваа насловната песна за филмот што беше објавена истовремено со новиот трејлер за „No Time To Die“ во кој исто така може да се слушне дел од песната.

Ајлиш, која наполни 18 години во декември, е најмладата музичарка која досега пеела песна за филм од франшизата за Џејмс Бонд. Таа ја напиша и продуцираше песната за филмот.

Стиховите во песната, како „Паднав на лага... дали си смрт или рај?“ и „Никогаш нема да ме видиш како плачам“, ги поттикнуваат теориите дека во последниот филм на Крег како тајниот агент 007, ќе биде измамен од Медлин Свон (Леа Сејду), жената во која се заљуби во претходниот филм „Spectre“.

Музичките критичари и колегите музичари се одушевени од песната на Ајлиш.

The Independent објави дека Бонд нумерата на добитничката на Греми награди е „една од најдобрите во последно време“.

„Раскошните виолини, електричната гитара и нежните перкусии се омаж на класичните Бонд нумери, но суптилниот синт мотив на Ајлиш ја прави песната современа и нејзина“, пишува критичарката Рожин О’Конор.

The Guardian ја опиша песната како „Бонд нумера соодветна за ерата на Крег“.

„Поп-сензацијата [Ајлиш] ги стишила нејзините заштитни знаци за да создаде песна што соодветствува на мрачната самотија на главниот лик“, напиша критичарот Алексис Петридис.

Колин Патерсон од BBC напиша дека „ова е првиот сериозен кандидат за Оскар за догодина“, а и музичката легенда сер Елтон Џон рече дека песната е „подобра од сите песни номинирани годинава“. (да се потсетиме дека токму на годинашните Оскари Елтон Џон доби награда за неговата песна за биографскиот дилм „Rocketman“)

Последните две Бонд песни – „Skyfall“ на Адел и „Writing's On The Wall“ на Сем Смит освоија Оскари за најдобра песна.

Филмот „No Time To Die“ се очекува во кината во април годинава.

Коментирај