Свет

Вториот напаѓач од Париз ѝ се предал на белгиската полиција

21. април 2017 - 11:15 | Макфакс

Осомничениот по кого трагаа француските власти, поради терористичкиот напад во кој е убиен еден полицаец во Париз, ѝ се предал на белгиската полиција, соопшти портпаролот на француското Министерство за внатрешни работи.

„Лицето по кое белгиските власти распишаа потерница се предало во полициската станица во Антверпен“, изјавил за АФП портпаролот на француското МВР, Пјер-Арни Бранде.

Француската полиција претходно издаде налог за апсење на вториот осомничен за терористичкиот напад во центарот на Париз, во кој загина еден полицаец, а двајца се тешко ранети.

Во налогот за апсење пишува дека осомничениот за нападот во Франција пристигнал со воз од Белгија. Претходно полицијата објави дека во нападот учествувале најмалку двајца напаѓачи и дека еден од нив бил убиен.

Според медиумите, повикувајќи се на белгиски разузнавачки извори, еден од напаѓачите бил означен како екстремист. Инаку, во четвртокот белгиските безбедносни служби ги информирале француските колеги дека Јусуф ел Осри тргнал од Белгија кон Париз.

Терористичкиот напад се случи во близина на плоштадот Конкорд и Триумфалната порта, најпозната туристичка атракција на Париз.

Инаку, во ситуација кога Франција се наоѓа во вонредна состојба, за три дена во државата ќе се одржат претседателските избори. Поради нападот, претседателските кандидати Марин ле Пен и Франсоа Фијон ги откажаа своите предизборни активности.

Лидерката на „Националниот фронт“, Ле Пен, изјавила дека е познато дека зад нападот стои Исламската држава и дека стравува од нови напади. 

Коментирај