Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека разговарал со рускиот претседател, Владимир Путин.
„Многу добар разговор со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин за сите важни прашања од нашата билатерална соработка и потврда за претстојната средба на 9 мај во Москва“, рече Вучиќ.
„Разговаравме за политичката соработка и неопходноста да продолжи закрепнувањето на трговската размена и економската соработка“, рече Вучиќ, додавајќи дека станало збор за договорот за снабдување со гас и ситуацијата во Босна и Херцеговина.
„Една од клучните теми беше ситуацијата во регионот. Му ја пренесов пораката од претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Путин добро ја разбира ситуацијата во регионот, ги гледа обидите и потезите на високиот претставник во Босна и Херцеговина, дека целта е да се собори Додик. Руската Федерација отсекогаш ги поддржувала Дејтонскиот договор и Република Српска. Морам да кажам и дека луѓето во Србија се загрижени за обидот за шарена револуција и јас разговарав со него за тоа. Му се заблагодарив што руските власти не го поддржуваат тој обид. Путин имаше јасен, прецизен став дека Русија разбира и гледа што се случува и дека ќе продолжи да ја поддржува легитимно избраната влада во Србија“, рече Вучиќ.
Вучиќ ќе ја посети Русија на 9 мај, на 80-годишнината од прославата на победата над фашизмот.