Регион

Вучиќ ќе добие кривична пријава поради аферата со марихуана

9. декември 2019 - 10:50 | МИА

Аферата што изминатите денови се поврзуваше со српските лидери ќе добие сосема нова димензија откако ќе биде поднесена кривична пријава против претседателот на државата Александар Вучиќ и неговиот брат Андреј. Двајцата наводно се поврзани со плантажата за марихуана на фармата „Јовањица“ во Војводина. Пријавата во суд ќе ја поднесе неговиот политички сојузник за да помогне во расчистување на случајот, пишуваат српските медиуми.

Самиот Вучиќ објави за кривичната пријава која ќе биде поднесена против него, велејќи дека ќе ја поднесе потпретседателот на неговата Српската напредна партија (СНС) – градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ, со цел да се открие вистината за „Јовањица“ со покренување истражен процес од страна на полицијата и обвинителството.

„Вучевиќ ќе поднесе обвиненија против мене и брат ми Андреј за Јовањица, за да бидеме сослушани и да се разреши случајот“, изјави Вучиќ во саботата за време на презентацијата на руските хеликоптери на воениот аеродром Батајница, одговарајќи на обвинувањата на опозицијата дека уапсениот Колувија по полициската интервенција прво го повикал братот на Вучиќ, Андреј.

Тој наводен повик на Колувија до братот на претседателот беше официјално негиран на прес-конференција минатата недела од министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, кој исто така е висок функционер на СНС, тврдејќи дека тој никогаш лично не го видел ниту го познава Колувија.

Аферата е откриена откако полициски службеник откри лице кое имало лажна полициска легитимација и неовластено ја користело полициската светлосна сигнализација на автомобилот.

Се испостави дека тоа е Предраг Колувија, сопственик на фармата „Јованица“, кој од државниот буџет добил субвенции за одгледување органска храна на фармата крај Стара Пазова, во Војводина.

Полицијата го уапсила Колувија на 14 ноември и дополнително проверувајќи ја фармата откри марихуана и лабораторија за дрога, 800 килограми сушен канабис, чијашто тежина ќе биде утврдена после сушењето.

Коментирај