Регион

Вучиќ: Опозицијата да каже дали сака избори или сакаат да ме убијат

23. март 2019 - 12:06 | МИА

Белград, 23 март 2019 (МИА) – Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска од Нови Сад порача дека властите повеќе нема да дозволат насилство на протестите, како она од минатата сабота, додавајќи да доколку сепак дојде до насилство тоа ќе трае „толку кратко, што секој добро ќе ја разбере пораката на државата“.

„Она што се случи беше затоа што мислевме дека имаме работа со лидери кои се нормални и рационални, но кога ќе видите дека имате работа со двајца тајкуни, кои брзаат да ги обноват своите финансии со грабеж на државниот имот и со еден фашист, направивме погрешна проценка. Сега повеќе не сметам на разумот на фашистот (Бошко) Обрадовиќ и тајкуните (Драган) Ѓилас и (Вук) Јеремиќ и ќе ги преземеме сите мерки, а граѓаните немаат причина да се плашат повеќе од насилство, кое нема да биде дозволено“, изјави Вучиќ при обиколката на изградбата на новата зграда на Радио-телевизија Војводина во Нови Сад.

Тој изјави дека се запрашал кое е значењето на протестот пред Претседателската палата минатата недела, кога таа беше опколена од демонстрантите, додавајќи дека „во прашање е само една работа, а тоа е – да го убијат“.

„Има само една работа што може да ја направат за да дојдат до власт, а тоа е да ме убијат. Еве кажете ми кој е другиот начин да ме убиете: под еден е убиство и под два се избори. Би било нормално тоа да се избори, но тие знаат дека луѓето не ги сакаат. Што им останува како втора опција? Немојте да го лажете народот дека тоа ви се собирите“, им порача Вучиќ на организаторите на протестите.

Вучиќ додаде и дека уапсените студенти се политички активисти и дека многу помалку луѓе се собираат на протестите од она што го тврди опозицијата, посочувајќи дека на вчерашниот собир во Нови Сад имало 692 демонстранти.

Во врска со реакциите во регионот на пресудата на Радован Караџиќ, кои се однесуваат на Република Српска, Вучиќ им порача на оние кои замислуваат дека пресудата би можела да значи укинување на српскиот ентитет во Босна и Херцеговина, дека тој е „дејтонска и уставна категорија“.

Коментирај