Свет

Вухан од денеска под карантин, не се знае реалната бројка на заболени

23. јануари 2020 - 10:20 | А.С.

Кинескиот град Вухан од денеска во 10 часот официјално е под итен карантин и ќе го згасне јавниот превоз во обид да се спречи ширењето на новиот вид на корона вирус.

Бројот на заболени официјално порасна на 517, но не се знае реалната бројка. Се проценува дека има околу 4.000 заболени.

На локалните жители им се советува да не патуваат за да не ги загрозат милионите Кинези кои сега патуваат поради претстојната Кинеска Нова година. Оваа респираторна болест веќе се рашири низ Кина, а има регистрирани случаи и во Јапонија, на Тајван и во САД.

Официјалните градски власти на Вухан соопштија дека ги запираат сите летови, железнички линии, метрото и траектите во градот со 11 милиони жители.

Светската здравствена организација соопшти дека нема да прогласи меѓународна вонредна состојба во сферата на јавното здравје поради новиот корона вирус.

Експертите на СЗО посочија дека не гледаат причина за таков потег во оваа фаза, но сепак сметаат дека е неопходно денеска да продолжат дискусиите за прашањето во Женева.

ГАВИ: Вакцината против коронавирусот најрано за една година

Развојот на вакцината против новиот тип на корона вирус ќе трае најмалку една година, соопшти синоќа Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (ГАВИ).

Директорот на ГАВИ, Сет Беркли, изјави дека стручњаците не знаат доволно за епидемиологијата на новата болест за во овој момент да може квалитетно да се процени ризикот од неа.

-Добрата вест е дека сите научници веќе го секевенционираа и објавија геномот на вирусот, што овозможи неколку организации во светот да почнат да работат на вакцината, рече Беркли за агнецијата DPA.

Вакцините што штитат од корона вируси е многу поедноставно да се развијат од оние за болестите како маларија или ХИВ, додаде тој.

Беркли кажа дека, сепак, „ќе требаат месеци пред да се спроведат вистински клинички испитувања и најмалку една година пред вакцината да може да биде достапна за употреба“.

ГАВИ е непрофитно партнерство кое соработува со владите, деловните луѓе, Светската банка, хуманитарните организации и невладини организации за да ги исполни целите за вакцинирање.

Коментирај