Софтвер

Winamp се враќа во 2019 година

17. октомври 2018 - 19:59 | К.З.

Застарениот, но шармантен медиа плеер Winamp за првпат по пет години ќе добие нов апдејт. Неговото враќање е најавено за наредната година, во променето издание од кога последен пат беше дел од вашите компјутери.

Александр Сабундијан, извршниот директор на компанијата Radionomy која го купи Winamp во 2014 година, најави дека има план да ја направи оваа апликација компатибилна со сите аудио формати и се надева дека во иднина сите MP3 фајлови, подкасти, албуми и cloud музички сервиси на корисниците ќе бидат сместени во неа.

За оние кои не паметат, Winamp беше првата апликација која им паѓаше на памет на генерациите кои користеа компјутери пред десетина години. Но, по еден критичен период за апликацијата, таа не можеше веќе да се натпреварува со современите медиа плеери како iTunes.

Последен пат беше апдејтирана во 2013 година и уште работи, ако се прашувавте за тоа. Но, тимот кој стои зад Winamp работеше напорно на реимагинација на овој плеер, па вчерашната најава дека тој се враќа во 2019 година беше пречекана со огромно задоволство на социјалните мрежи.

„Ќе имаме целосно нова верзија наредната година, која ќе го задржи наследството на Winamp но и ќе донесе сосем ново искуство со неа“, рече Александр Сабундијан.

До ден денес постојат луѓе кои не се откажаа од апликацијата и ја користат и понатаму, но таа стана многу помалку корисна без нови апдејти. Нападот на носталгија може да започне во 2019 година.

Коментирај