Историската акциона драма „The Woman King“ лесно го освои бокс-офисот во САД и во Канада, заработувајќи 19 милиони долари на домашниот пазар.

Филмот заработи 19 милиони долари од 3.765 кина во Северна Америка во премиерното прикажување минатиот викенд, со што ги надмина очекувањата. Претходно, се очекуваше дека филмот ќе заработи 15 до 18 милиони долари, додека прогнозата на Sony беше до 12 милиони долари.
За продукција на филмот беа потрошени 50 милиони долари, плус десетина милиони долари за промоција и маркетинг, вклучително и за премиерата на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.
Режисер на филмот е Џина Принс-Битвуд, а „The Woman King“ ја раскажува приказната за жена-воин која го штитела западнато африканско кралство Дахомеј во периодот меѓу 17 и 19 век. Филмот доби доста позитивни критики, а најголем дел од публиката во киносалите биле жени.
„The Woman King“ лесно се искачи на врвот, додека на второто место се најде „Barbarian“ со заработка од 6.3 милиони долари. Премиерата на „Pearl“ се најде на третата позиција со заработка од 3.12 милиони долари, а веднаш по него следи „See How They Run“ со 3.1 милион долари.
Меѓу првите пет според листата на Watch Mojo е и „Bullet Train“ со заработка од 2.5 милиони долари во седмиот викенд од прикажување.