Мобилни

Xperia XZ2 Premium има 4К екран и камера за снимање во „екстремни услови“

16. април 2018 - 19:18 | А.С.

За помалку од два месеци откако Sony го претстави моделот Xperia XZ2 на конгресот Mobile World Congress, компанијата повторно привлекува внимание со моделот Xperia XZ2 Premium.

Уредот има ист дизајн како и XZ2, но со подобар екран, камера, батерија и уште некои спецификации.

XZ2 Premium ќе биде ставен на продажба летово, а цената уште не е позната. Единствено што се знае е дека сигурно нема да биде евтин, со оглед на тоа дека стандардниот XZ2 чини 800 долари, така што реално е да се очекува дека новиот модел ќе достигне цена до 900 или 1.000 долари.

XZ2 Premium доби 5,8-инчен 4К екран, што е подобрување во споредба со 5,7-инчниот Full HD+ екран со резолуција од 1.080x2.160 пиксели на стандардниот. И двата модели поддржуваат HDR видео. Кога гледате клипови, слушате музика или играте игри, ќе го забележите новиот систем на вибрирање што дебитираше со моделот XZ2. Целта е да понуди соодветен фидбек на она што се случува на екранот.

Најголемо подобрување доби камерата. XZ2 Premium има две задни камери, што е прв случај во историјата на смартфоните на Sony. Наместо да додаде telefoto/zoom леќи како Apple, Samsung и OnePlus, Sony го подели фотографирањето на сензор во боја од 19 мегапиксели и монохромна камера од 12 мегапиксели. Sony се обиде да ги надмине сите во ISO перформанси, па максималниот ISO на фотографиите направени со XZ2 Premium изнесува 51.200, а при снимање видеа 12.800.

Sony тврди дека неговиот AUBE процесор може да ги комбинира податоците од двата сензори и да ги оптимизира во услови на слаба светлина и да ја намали бучавата за да добиете добри резултати.

Системот со двојна камера ќе има и функција на снимање портрети што ќе го користи само монохроматскиот сензор за јасни и детални црнобели фотографии.

Меѓутоа, оваа функција ќе биде достапна дури кога ќе стигне апдејт на Q3 софтверот.

Premium моделот ќе може да снима  slow-mo видеа со резолуција од 1.080p. На предната страна има селфи камера од 13 мегапиксели, а кај стандардниот модел предната камера е од 5 мегапиксели.

За разлика од моделот XZ2 со 4 GB RAM, Premium моделот доби 6 GB. И двата уреди имаат оперативен систем Аndroid 8.0 Oreo и процесор Snapdragon 845.

Коментирај