Италијанските медиуми излегоа со нова информација околу скандалот со финансиски малверзации кој беснее во торинскиот клуб.

Наводно Јувентус потрошил над 800 милиони евра за доведување на играчи од другите италијански клубови од Серија А и Серија Би во изминатите 12 години, не рачунајќи ги зделките за размена на играчи.
„Бјанконерите“ немаат лесна сезона откако претседателот Андреа Ањели и целокупниот борд на директори ненадејно си поднесоа оставки во ноември. Нов удар дојде пред неколку дена кога ФИГЦ по судска наредба ѝ наложи на Серија А да му одземе 15 бодови поради пумпање на вредностите за трансфер на играчи за да се фалсификуваат капиталните добивки, што доведе до пад на клубот на табелата во Калчото.
Весникот Tuttosport, кој важи за близок до торинските клубови, излезе со сторија дека Јувентус на клубовите од Чизмата во последните 12 години им исплатил околу 837 милиони евра. Новинарите ги израчунале трансферите почнувајќи од првиот до последниот, земајќи ги предвид само конечните трансфери и не сметајќи ги оние кои биле правени со размена на играчи.
Проблемите вон теренот кои периодов го тресат Јуве го натераа клубот да смени правец, па сега се обидува да функционира преку поодржлив модел повеќе потпирајќи се на младите играчи развиени во младинскиот тим.