Бизнис

За директорот покачување од милион долари, за работниците 5.000 откази

20. март 2019 - 18:44 | А.С.

Американската автомобилска компанија Ford објави документи што ги откриваат платите и бонусите на челниците на фирмата за 2018 година.

Петте најплатени директори на американскиот гигант минатата година имале приходи од 51,7 милиони долари.

Особено во очи паѓа заработката на извршниот директор Џим Хекет кој инкасирал 17,8 милиони долари.

Тоа е околу 1 милион долари повеќе од претходната година, а речиси 2 милиони повеќе во споредба со 2016 година.

Од неговата заработка, фиксната плата изнесува 1,8 милиони долари, додека 12,7 милиони долари се дивиденди од акции, а 2,6 милиони долари се компензација од планот за поттикнување и 617.000 долари од „други компензации“.

Хекет има за 276 пати повисока плата од проселниот работник во Ford во САД.

Другите директори заработиле помалку од него: Бил Форд 13,8 милиони долари, Боб Шенкс 13,8 милиони долари, Џим Фарли 5,9 милиони долари и Џо Хинрихс 5,8 милиони долари.

Просечната годишна компензација за постојаните работени во Ford изнесувала 64.316 долари, па јасно е дека обичните работници зеле зналително помалку, со оглед на тоа дека поголемиот дел од колачот „им паднал“ на директорите.

Овие податоци сигурно се трн во око за обичните работници, особено ако се има предвид дека Ford неодамна соопшти дека отпушта 5.000 работници во европските погони во Германија и Велика Британија, како дел од планот за реструктурирање на бизнис целите на Стариот континент.

Целта на Ford е значително намалување на структурните трошоци, намалување на администрацијата и елиминирање на непродуктивните одделенија и функции.

Коментирај