Живот

За крадење песок од плажа во Италија се добива казна од 3.000 евра

9. август 2018 - 20:30 | К.З.

Ако летово решивте да одите на одмор на Сардинија, во никој случај немојте да пробате да земете малку златен песок за спомен бидејќи таму владее закон кој ги казнува туристите кои крадат песок од плажите. Казните се големи и апсурдни и можат да бидат високи до 3.000 евра.

Оваа недела еден 40-годишен Италијанец кој живее во Велика Британија плати казна од 1.000 евра затоа што полицијата го фати на дело кога тој пробуваше да наполни шишенце со песок од плажата Галура.

Се прашувате зошто е толкав проблем ако некој сака да си земе песок за дома?

Проблемот ја мачи Сардинија уште одамна, а минатото лето беше пронајден повеќе од еден тон песок во куферите на туристите на аеродромот во Каљари. И покрај знаковите за предупредување и постојаните укажувања, туристите решаваат да ги игнорираат овие барања на локалната власт.

Песокот воглавно се пакува во шишенца или во ќесички и се означува со името на плажата од која е земен. Иако оваа практика на туристите изгледа безопасно, освен тоа што на некој начин е навреда за италијанскиот народ, предизвикува и штета за островот и неговата околина.

Од неодамна стапија на сила новите законски регулативи кои налагаат казнување на туристите кои на било кој начин ќе ѝ наштетат на природната средина во Сардинија.

Германската амбасада во Рим веќе ги предупреди сите туристи кои доаѓаат од Германија за да летуваат во Сардинија дека ова во никој случај не смеат да го прават, а нивниот пример го следат и многу од останатите амбасади чии земји испраќаат голем број туристи на плажите на овој италијански остров.

Коментирај