Поранешниот напаѓач смета дека Манчестер Јунајтед доживеал огромен пад по што денес е претворен во просечен тим.
Синоќешното реми без голови против холандски АЗ во Лига Европа е последно разочарување од долгата низа сезонава. Во Премиер лигата „ѓаволите“ се дури 10-ти.
„Оле Гунар Солскјер свесно го ослабна тимот. Тој се ослободи од играчи како Лукаку, Ерера, Дармјан, Санчес и Смолинг. Многу добро знае дека тие играчи можат да го подобрат тимот, но мислам дека се води по принципот дека треба прво да направиш неколку чекори наназад за да почнеш да напредуваш. И греши“, смета Овен кој беше гостин во емисија на каналот BT Sport. Тој играше за Јунајтед од 2009 до 2012.
Од бесмислените потези на Солскјер најмногу ќари Интер кој ги прибра Ромелу Лукаку и Алексис Санчес. Матео Дармјан замина во Парма, Андер Ерера во ПСЖ, а Крис Смолинг во Рома.
„Тие се сега просечен тим од средината на табелата. Искрено не верувам дека ќе завршат ни меѓу првите шест, нема шанса. Ова е најслабиот Манчестер Јунајтед и тоа убедливо последниве децении. Може да се спореди со времето пред да дојде Алекс Фергусон“, вели Овен алудирајќи на периодот пред 1986 година кога сер Алекс Фергусон седна на клупата. Тоа е пред цели 33 години.