Определена е мерка 30-дневен притвор за сите 24 лица за кои основното Јавно обвинителството во рамки на истрагата бараше изрекување на мерката, а во однос на истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.
Меѓу 24-те лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани и тоа градоначалникот во заминување Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
Со досегашната истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се опфатени 27 физички и 3 правни лица.
Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и 3 правни лица, по првите истражни постапки против 7 полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвнителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и 3 правни лица, за кривично дело Тешки дела против општата сигурност по член 292 во врска со Предизвикување општа опасност по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за Примање поткуп по член 357 од КЗ.
Лицата се сомничат за кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку 3 години, што значи дека максимумот на казната е 20 години, а се сомничат дека како соизвршители, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.