Македонија

За три пати зголемен бројот на заболени од грип, изминатата недела регистрирани 583 заболени

16. јануари 2020 - 15:42 | МИА

Скопје, 16 јануари 2020 (МИА) – Регистриран е пораст на бројот на заболени од грип во државава. Изминатата недела (од 6 јануари до 12 јануари), се регистирани 583 заболени од грип, што е зголемување за речиси три пати споредено неделата пред неа кога беа регистрирани 207 случаи. Ова денеска го изјави денеска епидемиологот Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Посочи дека и покрај тоа што бројот на заболени значително се зголемил, тоа не е бројка која го поминува прагот на сезонската активност кога може да се каже дека веќе има вистинската сезона на грип.

– Наспроти податоците што ги добиваме од вирусолошкиот надзор кои велат дека минатата недела се тестирани најголем број материјали – 18 од кои пет се позитивни, има три материјали позитивни на грип од типот H1 и два А тип, но не субтипизирани заедно со тоа што пред недели го детектиравме како H3 А тип, веќе имаме палета на разноликост, каде превалира 70 отсто појава на А тип, а 30 отсто појава на Б типот, потенцира д-р Кузмановска.

Додаде дека најголем број случаи се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Струмица (166), додека највисока инциденца е регистрирана на територијата што ја покрива Подрачната единица Дебар (209 на 100.000 жители) со 58 пријавени случаи.

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број заболени од грип изнесува 1.618. 

Коментирај