Во овој период, се чини дека на децата им е најздодевно и родителите постојано мора да бараат нешто ново со што ќе ги забавуваат. Готвењето е корисна активност во која ќе уживате уште повеќе доколку ви помогне вашето дете.
Зошто е важно да го научите вашето дете да готви?
Децата уживаат додека подготвуваат храна. За нив тоа претставува посебен начин на игра во која учестуваат заедно со родителите. Тие сечкаат, ги мешаат состојките и чувствуваат задоволство што помагаат и учествуваат во подготвувањето на оброк.
Со вклучување на децата во процесот на готвење им укажувате на тоа дека е многу поважно да јадат здрава и домашна, отколку брза храна.
Децата треба да ги вклучите во кујната уште додека се мали, во зависност од тоа колку се заинтересирани и способни.
На возраст од три до 6 години децата можат да мијат овошје и зеленчук, да сервираат, да раскреваат од трпезариската маза, да ви асистираат додека подготвувате храна(да додаваат намирници, да ги мешаат состојките во садот), да прават различни форми од тесто...
Децата од 6 до 9 години можат да ви помогнат со читање на рецептот, можат да ви напишат список со потребни намирници, да лупат овошје и зеленчук или да матат состојки со електричен миксер.
Активности во кујна за деца од 9 до 13 години – подготовка на едноставни јадења со мала помош од родителите, користење на микробранова печка и користење нож – со надзор од родителите.
Споредни активности во кујна
Покрај готвењето, важно е детето да научи дека треба да одржува хигиена во кујната. Во зависност од неговата возраст, дадете му обврска да ги измие или избрише садовите, да ја избрише работната површина и слично. Исто така, научете го вашето дете како да биде внимателно во кујната и да се грижи за себе.