Македонија

Заев и Мицкоски со меѓусебни пораки и по ТВ дуелот

27. март 2019 - 9:14 | МИА

Скопје, 27 март 2019 (МИА) – Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по два и полчасовниот тв дуел, синоќа си упатија меѓусебни пораки и преку Facebook.

„СЈО е веќе создаден институционален капацитет и нема потреба да го уништуваме. Напротив, како него треба да се водат сите други. Затоа со новиот закон, СЈО, ќе биде оддел во јавното обвинителство со јасни ингеренции. Проблемот за опозицијата е што очигледно сака да го штити криминалот, па не го поддржува овој реформски закон. Одговорете на едноставно прашање: дали сакате Северна Макеоднија да напредува или сакате да ја видите закочена и повторно да не добие датум за преговори, кој го чекаме од 2005 година?“, напиша Заев на Facebook.

Мицкоски, пак, во својата порака напиша дека Заев во тв дуелот не сакал да зборува за Македонците во Северна Грција и за јазикот што го зборуваат.

„На Заев му беше срам, се плашеше, се препелкаше, не сакаше да изусти дека Македонците во Северна Грција, во Егејскиот дел на Македонија зборуваат македонски јазик, затоа што со договорот ги избриша. А неговиот министер прати дипломатска нота во која што појаснуваше дека не е тој народ македонски, туку дека станува збор за етницитет“, напиша Мицкоски на својот Facebook профил.

Коментирај