Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски денеска се сретна со амбасадорот на САД, Џес Бејли, со кого заеднички констатираа дека е неопходно демократските процеси да продолжат со формирање на новата реформска Влада којашто ќе обезбеди стабилност во државата и перспективи на Македонија кон НАТО и ЕУ, а со тоа и квалитетен живот за сите граѓани, соопштуваат од СДСМ.
„Парламентарното мнозинство по изборот на новиот собраниски претседател, ги презема следните чекори согласно Деловникот, Уставот и законите во процесот за формирање на новата реформска Влада. Очекуваме Ѓорге Иванов да постапи согласно уставните задолженија и да го даде мандатот“, рече Заев.
Претседателот на СДСМ додаде дека СДСМ е посветена кон реализирањетона сите обврски кон граѓаните за економска стабилност и развој на Македонија. „Новата Влада ќе ги спроведе потребните реформи и ќе обезбеди, за сите граѓани, без разлика на политичката, етничката или каква било друга припадност, сигурна иднина, во праведна и унитарна Република Македонија. Иднината на Македонија се НАТО и Европската унија и одлучни сме да работиме на вредностите што водат кон тие интеграции“, рече Заев.
На средбата е осудено насилството во Парламентот и е констатиртано дека сите политички субјекти мора да бидат на ниво на одговорноста и да овозможат мирен трансфер на власта и заштита на граѓанските и државните интереси, заклучуваат од СДСМ.