Здравје

Загадениот воздух го убива витаминот D кој е пресуден за човечкото здравје

28. јануари 2020 - 20:24 | А.С.

Загадениот воздух на кој се изложени многу граѓани во земјава, особено во Скопје и Тетово каде се активирани итните мерки против аерозагадувањето, има опасни последици по човечкото здравје.

Меѓу нив е и намалувањето на витаминот D во телото, кој е пресуден за одржување на целокупното здравје.

Витаминот D е неопходен за организмот бидејќи ја помага апсорпцијата на калциум и фосфор од исхраната и на тој начин ги зајакнува коските и забите.

Ниското ниво на витамин D се поврзува со слабеење на имунитетот што може да резултира со почеста појава на инфекции на респираторниот систем, но и хронични заболувања на срцето и крвните садови, појава на дијабетес, депресија и карциноми.

Ова се симптомите што ќе ви помогнат навреме да интервенирате во случај да имате недостиг на витамин D:

Зголемено потење

Ако одеднаш почнете да се потите повеќе од вообичаено, без некоја посебна причина за тоа, како зголемена физичка активност, а температурата на телото стандардно ви е 37 степени Целзиусови, треба да го проверите нивото на витамин D во организмот.

Исцрпеност и слабост

При недостиг на витамин D во организмот ќе почувствувате слабост и исцрпеност, дури и кога сте доволно одморени и наспани, без разлика дали вежбате редовно или не. Истражувањата покажуваат дека внесувањето суплементи со витамин D помага во контролирањето на подвижноста на мускулитре, а кај лицата постари од 60 години го намалува ризикот од паѓање и повреди за 20 отсто.

Хронична болка

Понекогаш ја занемаруваме болката што не е интензивна, иако свесно ни предизвикува непријатност или неудобност, како постојана болка во мускулите, зглобовите, коските. Тоа е знак дека ви недостига витамин D во организмот. Ако болката не престане по неколку недели веднаш направете анализа на крвта.

Лошо расположение

Хроничниот недостиг на витамин D може да предизвика депресија. Не е точно утврдено кој механизам го предизвикува тоа, но можно е витаминот D да влијае на хормоните како серотонин кој влијае на расположението.

Храна богата со витамин D: говедски и телешки црн дроб, жолчка од јајце, туна, сардина, шитаке печурки, млеко, јогурт, бадемово млеко, сок од портокал, тврди сирења, мешункаст зеленчук.

Суплементите со витамин D секогаш земајте ги со храна. Витаминот D е најдобро да го земете рано попладне бидејќи може да ви го попречи циклусот на спиење.

Коментирај