Здравје

Загадениот воздух го забавува развојот на белите дробови кај децата

10. декември 2019 - 14:48 | А.С.

Развојот на белите дробови кај децата изложени на загаден воздух од густ сообраќај може да се забави и до 14%, покажува едно најново истражување.

Животот во радиус од 50 метри од прометна сообраќајница исто така го зголемува ризикот од заболување од рак на белите дробови за 10%, се наведува во заклучоците од истражувањето.

Истражувањето било спроведено во 13 градови во Велика Британија и во Полска, а научниците утврдиле дека загадениот воздух го зголемува ризикот од срцеви болести, мозочен удар и проблеми со срцето и бронхитис.

Активисти за здрава животна средина ја повикаа британската влада да се обврзе дека ќе работи на сузбивање на „опасното“ загадување на воздухот.

Истражувачите од Кралскиот колеџ во Лондон кои го објавија извештајот споредија 13 здравствени проблеми кај луѓето кои живеат во области со висок процент на загадување, со испитаници од општата популација.

Тие користеле податоци за терапии препишани од лекар, за стапката на смртност, како и за бројот на регистрирани пациенти со симптоми како инфекции на белите дробови.

Истражувањето покажа дека развојот на белите дробови кај децата во Оксфорд бил побавен за околу 14%, во Лондон за 13%, во Бирмингем за 8%, во Ливерпул за 7%, во Нотингем за 3% и во Саутхемптон за 4%.

Истражувачите нагласуваат дека ако во овие градови се намали загадувањето на воздухот за една петтина од актуелното, ќе се намали бројот на деца заболени од бронхитис за неколку илјади.

Групата која стои зад ова истражување – коалиција од 15 невладини организации кои делуваат на полето на јавното здравје и животната средина, како Британската фондација за болести на белите дробови, предлага создавање на Зона на чист воздух ширум Велика Британија.

Коментирај