Македонија

Законот за покачување на платите во јавната администрација пред пратениците

3. октомври 2019 - 8:21 | МИА
Скопје, 3 октомври 2019 (МИА) – Собранието на Република Северна Македонија денеска по скратена постапка треба да го разгледа Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, со кој треба да се овозможи покачување од пет отсто на платите во јавната администрација.

Вчера од Владата најавија дека септемвриската плата со ветеното покачување од пет проценти ќе се исплати во законски предвидениот рок. Зголемена плата за пет проценти ќе добијат здравствените, социјалните, просветните работници, полицијата, одбраната и целиот јавен сектор, соопштуваат од Владата.

Оттаму наведоа дека зголемувањето на платите е предвидено со иницијалниот Буџет за 2019 година, а законот кој го овозможува тоа по скратена постапка се очекува да помине во Собрание во текот на следниве денови.

Ова, како што стои во соопштението на Владата, е трето зголемување на платите во здравството и второ во армијата и образование и детските градинки.

Предлог законот, кој е единствена точка на дневниот ред на 115-та собраниска седница, е поднесен од пратениците Јован Митрески, Ејуп Алими, Мерал Узеири Ферати, Неџбедин Каремани, Мирослав Јовановиќ, Јусуф Хасани и Јагода Шахпаска.

Коментирај