Чек дис аут

Запознајте ги кучињата од Чернобил

18. јуни 2019 - 15:19 | А.С.

Стотици кучиња скитници научиле да преживуваат во дивината околу зоната на исклучување во Чернобил. Овие кучиња главно се потомци на оние кои биле оставени по нуклеарната катастрофа во 1986 година кога локалното население беше евакуирано и имаше забрана да ги понесе со себе саканите домашни миленици.

Тарзан е едно од овие кучиња. Ги има околу 300 на површина од 2.600 квадратни километри. Живеат заедно со дивите животни кои исто така научија да преживуваат во овие предели во изминативе 30 и нешто години.

За разлика од монголските коњи и белоруските мечки што од неодамна беа донесени да ги населуваат овие области, кучињата се „домородно население“.

По нуклеарната катастрофа во Чернобил, Припјат и околните села беа напуштени, а домашните миленици останаа сами.

Преживеаните раскажуваат како кучињата жално завивале пред полните затворени автобуси и се обидувале да влезат внатре кај своите сопственици. Војниците ги туркале и клоцале, а кучињата трчале по автобусите долго, долго во далечината.

А нивните сопственици, со скршени срца бидејќи не можеле да ги земат со себе, оставале трогателни пораки напишани на вратите до војниците кои биле задолжени „да го решат проблемот со животните“, односно да ги убијат за да не ја шират радијацијата.

„Не ја убивајте нашата Жулка, таа е добро куче.“

Тоа биле безмилосни времиња, но некои кучиња успеале да се спасат и нивните потомци сега владеат со Чернобил и околината.

Нивниот живот не е ни најмалку лесен. Покрај тоа што мора да ги издржат суровите украински зими без соодветно засолниште, тие уште ги трпат последиците од радијацијата и имаат пократок животен век од вообичаениот. Обично живеат до шест години.

Но, не е сѐ така црно. Овие кучиња се паметни. Научиле дека каде што има луѓе, има и храна, па се врткаат околу војничките пунктови и се собираат околу единственото кафуле што функционира во областа.

Тие се како неофицијални маскоти на Чернобил, па се омилени кај посетителите кои доаѓаат на чорба Cafe Desyatka.

Надежда Стародуб, водич за специјални тури во зоната на исклучување, вели дека посетителите (не ги нарекуваат „туристи“) ги обожаваат кучињата.

„Повеќето од луѓето сметаат дека се преслатки, но со оглед на тоа дека постои опасност да носат одредено ниво на радијација, не препорачувам да ги допираат и галат“, вели таа.

Додава дека нема правила или забрани за тоа, но таа ги советува да се повикаат на здравиот разум кога ќе наидат на кучињата скитници.

Коментирај