Авто новости

Запознајте го кинескиот ривал на Tesla: Подобар во секој поглед и поевтин

6. јуни 2019 - 16:20 | А.С.

Токму кога Tesla го откри Model 3 наменет за кинескиот пазар, кинеската автомобилска индустрија, која бележи голем подем и подобрување, понуди свој одговор на популарниот електричен автомобил.

Одговорот го понуди компанија што е само уште една во низата стартап компании со уверлив производ. За разлика од другите домашни компании, таа воопшто не се плаши од доаѓањето на Teslа на пазарот.

Напротив, дури и ги нападна Teslа и нејзиниот Model 3. Затоа, запознајте ја XPeng Motors и запомнете го ова име.

Нејзиниот модел XPeng P7 со својот дизајн, големина и перформанси цели директно на истата таргет група како и Model 3.

Освен што е поголем и поудобен, кинескиот ривал според многумина кои успеале да го видат е и поуверлив во поглед на перформансите.

Најавите велат дека од 0 до 100 км/ч сзабрзува за 4 секунди (Model 3 стигнува за 5,6 с), дометот според NEDC му е 620 км (на Model 3 е 460 км), а системот за автономно возење наводно е значително подобар од автопилотот на Tesla.

И сега, најинтересниот дел - XPeng е поевтин за околу 12.800 евра, што дефинитивно не е малку.

Првите испораки се очекуваат кон крајот на годината, а до тогаш од Teslа очекуваат веќе да бидат „одомаќинети“ на кинескиот пазар.

Model 3 за испораките во Шангај ќе чини околу 42.100 евра.

Коментирај