Истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон направија мета-анализа што опфати повеќе од 40 различни студии и врз основа на тоа дојдоа до заклучок дека просечно 23% од децата, тинејџерите и младите до 25 години патат од зависност од нивните смартфони.
Во сите студии вкупно биле анализирани 41.871 испитаник. Во секоја од нив било откриено дека 10 до 30% од испитаниците пателе од ова пореметување. Пронајдена е конзистентна асоцијација меѓу PSU (Problematic Smartphone Usage – проблематично користење на смартфоните) и проблемите со менталното здравје.
Меѓутоа, концептот на зависност од паметните телефони е контроверзен во академските кругови, па затоа и беше создаден терминот PSU.
Сепак, извештаите што беа објавени по анализата, како оној во Psychiatry journal, покажуваат дека ситуацијата е пострашна отколку што си мислиме бидејќи постојат доволно докази дека оваа состојба треба да се разгледува како психолошки проблем.
Заклучоците укажуваат дека има итна потреба да се развијат алатки кои ќе ја спречат појавата на PSU и да се осмислат соодветни интервенции што ќе го намали бројот на случаи.
Ова почнаа да го прифаќаат и производителите на смартфони. На пример, Apple во iOS 13 ја лансираше опцијата Screen Time која им овозможува на родителите да го контролираат времето кое нивните деца го поминуваат со телефонот во раце.
Во секој случај, јасно е дека новите технологии честопати најнегативно се одразуваат на најмладите кои немаат механизми за контролирање на нивната употреба.
Затоа е потребно да се најдат системски решенија што ќе им овозможат на децата и на тинејџерите да ги користат смартфоните без претерување.