Поранешната легенда на Арсенал доби отказ од францускиот клуб откако синоќа доживеа елиминација од Лига Европа.

Патрик Виера не седи повеќе на тренерското столче во Ница. Му пресуди синоќешната елиминација од Лига Европа откако Баер Леверкузен го победи неговиот клуб со 3:2 и тоа на „Алианц Ривиера“. Ница во група со уште прашка Славија и Хапоел Бе'ер Шева во пет натпревари оствари една победа и 4 порази со што на коло до крајот е елиминирана.
На Ница и во Лиг 1 не ѝ оди добро сезонава. Врза два пораза по ред, од Дижон и Монако, а во 11 натпревари оствари 5 победи, 2 нерешени и 4 порази, доволно за 11-тото место.

Поранешниот играч од средниот ред на тренерското столче во тимот од Прованса седна во јуни 2018 откако дотогаш го водеше Њујорк Сити. Во првата сезона заврши на 7. место, а лани на 5-тото, што донесе и пласман во Лига Европа.
Виера долги години играше за Арсенал, каде и се прослави, а потоа настапуваше за Јувентус, Интер и Манчестер Сити, додека претходно за Милан, Кан и Тур.