Култура

Заврши снимањето на македонскиот дел на филмот „Сведок“ на режисерот Митко Панов

5. ноември 2014 - 18:12 | Макфакс

На локација во скопската населба Маџари падна последната клапа за македонскиот дел од снимањето на играниот филм „Сведок“ во режија на Митко Панов.

„Сведок“ е херојска авантура на еден млад и амбициозен приправник во Хаг, Винс Харингтон кој доаѓа на Балканот во потрага по сведокот кој може да стави крај на процесот против Генерал Пантиќ (Рефет Абази). Но во моментот  на соочување со таинствената легенда Генералот Никола Радин (Бруно Ганц) и неговата ќерка Инес (Наташа Петровиќ) локалната власт тргнува во хајка против нив. При самиот крај на својата авантура на Балканот, Винс ќе се соочи со судирот помеѓу правдата на срцето и онаа на хашките легислативи, запаѓајќи и самиот во нејзината јамка.

По снимањето во Хрватска, интернационалната екипа составена од филмски работници од Ирска, Македонија, Швајцарија, Хрватска, Германија, Бугарија и Франција, продолжи со работа во Македонија каде три недели снимаше на атрактивни локации познати по својата убавина,  меѓу кои и манастирот Успение на Пресвета Богородица - Трескавец, Мавровското Eзеро и Националниот Парк Маврово, Галичник, околните села, како и локации низ главниот град Скопје. Официјалното снимање на филмот започна на 1 октомври 2014 во Хрватска и истото се планира да заврши на 16 ноември 2014 во Ирска.

„Сведок“ е европска копродукција, поддржан од Министерството за култура на Република Македонија преку Агенцијата за филм, Федералната канцеларија за Култура на Швајцаријa, Ирскиот филмски фонд и Еуримаж.

Коментирај