Мнозинството советници во Градот Скопје упорно и континуирано одбиваат да изгласаат набавка на нови автобуси за ЈСП Скопје, велат од Зелен хуман град.
„Во меѓувреме, ситуацијата се користи за креирање колку може повеќе вештачки кризи во јавниот превоз, вклучително и со приватните превозници.
Приватните превозници потпишаа договори во мај 2023 година. Тогаш можеа да преговараат за измена на цените кои според нив не се покачени од 2015 година наваму. Но, тогаш беше важно само да ги потпишат договорите по која било цена. Зошто?!
Одлуката за линиски превоз на Град Скопје вели: надоместокот за приватните превозници ги опфаќа сите реални трошоци за вршење на дејноста ПЛУС РАЗУМНА ДОБИВКА.
Наместо парите на граѓаните да се насочат максимално кон одржување на функционалноста на ЈСП, мнозинството советници бара да се насочат кон профит на приватници.
Доколку навистина мора да се зголеми цената кон приватниците, тоа мора да се темели на независна експертска анализа. И секако, истиот аршин да се применува и за ЈСП да може да ги покрие трошоците од своето работење“, велат од Зелен хуман град, здружената иницијатива на 20 организации и активистички групи од Скопје која има 2 советника во Советот на Град Скопје.