Наука

Земјата до 2100 година: Неподносливи жештини, екстремни бури, пожари

7. декември 2017 - 18:58 | А.С.

Глобалното затоплување ќе ги надмине за 15%  сите најлоши предвидувања на експертите на Обединетите Нации, а температурата до тогаш ќе порасне за 4 степени Целзиусови. Тоа е многу повеќе од границата од 2 степени што како критична ја поставија меѓународните експерти за глобално затоплување.

Патрик Браун и Кен Калдеира, климатолози од институтот „Карнеги“ при калифорнискиот Универзитет „Стенфорд“ пресметаа дека „глобалното затоплување ќе биде многу појако“, а резултатите од нивното истражување ги објавија во журналот „Nature“.

Брзината на глобалното затоплување е потценета, поради што ќе биде многу тешко да се исполнат целите што во 2015 година ги поставија 200 земји на состанокот во Париз. Се работи за ограничување на покачувањето на температурата на помалку од 2 степени Целзиусови, во однос на прединдустрискиот период.

„Резултатите од нашето истражување упатуваат на тоа дека стабилизирањето на глобалната температура ќе бара уште поригорозно намалување на испуштањето штетни гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина, отколку што беше пресметано претходно“, предупредуваат Браун и Калдеира.

Според извештајот на ОН, сегашните напори на владите да го ограничат испуштањето на овие штетни гасови се преслаби за да се постигнат целите зацртани со Парискиот договор од 2015 година.

„Добрата вест е што знаеме повеќе за идните климатолошки случувања, а лошата вест, страшно лошата вест е дека иднината ќе ни биде пожешка отколку што предвидувавме“, вели професор Вилијам Колинс, експерт за метеорологија од Универзитетот Рединг кој не учествувал во истражувањето на Браун и Калдеира.

Соред едно од попесимитичните сценарија, според кое испуштањето на штетни гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина и понатаму ќе расте до 2100 година, температурата би можело да се зголеми за 4,8 степени Целзиусови во однос на 4,3 степени колку што беше предвидено од панелот експерти на ОН што се состана во 2014 година.

„Не постои начин да се спречи глобалното затоплување. Сѐ што се случи досега е длабоко вкоренето во климатскиот систем. Не можеме да го спречиме испуштањето на штетни гасови од утре, но мораме да ги забавиме климатските промени во доволна мера за да се осигураме дека можеме што е можно побезболно да се прилагодиме на нив“, сметаат научниците.

Од 2070 година се очекуваат бројни екстремни бури, пожари и неподносливи топлотни бранови. До 2100 година, нашата планета ќе се наоѓа некаде меѓу „малку потопло и многу потопло отколку денес“, а разликата меѓу малку и многу потопло се брои во милиони спасени човечки животи.

Коментирај