Кога станува збор за позитивни примери и жени кои се вистинска инспирација, славата и сите пофални зборови во моментов ѝ припаѓаат на манекенката Мара Мартин.
Згодната бринета се прошета на пистата за ревијата на костими за капење на Sports Illustrated во златен дводелен костим, доејќи ја петмесечната ќерка, на огромно задоволство и радост на присутните гости.
Бебето носеше сини слушалки за намалување на бучавата и спокојно цицаше додека прекрасната Мара покажа зошто е една од најбараните plus size манекенки, а од вчера и симбол на феминизмот.
„Не ми се верува дека сум на насловните страници со ќерка ми поради нешто што го правам секој ден. Благодарна сум што можам да придонесам кон тоа доењето во јавност да се прифати како нешто најнормално и да им покажам на другите жени дека сите може да го прават тоа“, рече Мара утрото по ревијата.
„Мојата приказна е дека сум мајка и дека го дојам детето одејќи. Синоќа имаше уште еден куп жени кои заслужиле да се најдат на насловна страница.“
Мартин беше избрана од 16 финалистки за годишната ревија на Sports Illustrated.