Живот

Жената што ја купи исечената слика на Бенкси ќе го задржи „историското“ уметничко дело

12. октомври 2018 - 16:56 | А.С.

Жената која ја купи сликата на Бенкси за повеќе од 1 милион фунти реши да го задржи уметничкото дело, иако беше делумно уништено веднаш откако заврши наддавањето на аукцијата.

Неколку секунди откако врамената слика „Девојче со балон“ се продаде на аукцијата на „Sotheby’s“ во Лондон на 5 октомври, платното помина низ шредер скриен во рамката и се исече на ленти.

Компанијата Pest Control што го застапува мистериозниот уметник Бенкси му даде нов наслов на делото – „Љубовта е в канта“ (Love is in the Bin).

„Sotheby's“ потврди дека новата сопственичка на делото ќе ја плати целосната сума од 1.042.000 фунти што беше прогласена за највисока на наддавањето.

Купецот, жена од Европа која не сака да го открие својот идентитет, рече: „Прво бев шокирана, но потоа сфатив дека ќе имам лично свое парче од уметничката историја.“

Бенкси објави видео од самоуништувањето на сликата на својот Instagram профил со што поврди дека тој стои зад делото. Видеото веднаш потоа беше избришано, но веќе беше преземено од други онлајн стриминг платформи. Уште не е познато како бил активиран шредерот.

Во друго видео Бенкси објасни дека го скрил шредерот во рамката со сликата „за во случај некогаш да биде ставена на аукција“.

Алекс Брансик, шеф на одделот за современа уметност на „Sotheby's“ изјави дека аукциската куќа со задоволство информира дека е потврдена продажбата на новонасловеното дело „Љубовта е в канта“, прво уметничко дело во историјата создадено во живо за време на неговата аукција.

„Љубовта е в канта“ ќе биде изложено за јавноста во галеријата на „Sotheby's“ на New Bond Street во текот на викендот.

Аукциската куќа не го откри идентитетот на новата сопственичка на делото и рече само дека е „долгогодишна клиентка на Sotheby’s“.

Коментирај