Фит

Жените имаат поиздржливи мускули од мажите

13. јуни 2018 - 17:00 | А.С.

Најново истражување чии резултатите беа објавени во списанието „Аpplied Physiology, Nutrition and Metabolism“ открива дека жените биле помалку уморни од мажите по правење природни вежби за мускули, што значи дека женските мускули се поиздржливи од машките.

Научниците од Универзитетот на Британска Колумбија ја испитувале издржливоста на мускулите кај мажите и жените на иста возраст и физичка спремност. Девет жени и осум мажи добиле задача да притискаат со стапалото на разни видови сензори, со најголема можна брзина, повеќе од 200 пати. Истражувачите ги регистрирале брзината, силата и ротациската сила на нивните движења, како и електричната активност на мускулите.

„Познато е дека жените се помалку уморни од мажите по правење статични вежби во кои не се движат зглобовите, како што е кревање тегови, но нас нѐ интересираше дали тоа важи и кога се во прашање секојдневни динамични движења. Конечниот одговор е „да“ – жените ги надминаа мажите“, вели авторот на истражувањето, Брајан Далтон.

Тој објаснува дека ги мереле само движењата со стапало бидејќи за нив се користат мускули на задната страна од ногата што се активираат при секојдневни активности како стоење и одење.

„Во трчање маратон мажите ќе стигнат побрзо до целта, но жените ќе бидат значително помалку уморни“, вели Далтон.

Коментирај