Живот

Жените подобро работат во потопли простории, мажите обратно

23. мај 2019 - 17:58 | А.С.

Научници од Велика Британија спроведоа едно необично истражување во кое во фокус беа канцелариските клима-уреди, при што открија дека женскиот мозок работи подобро на повисока температура во просторијата, објави Guardian.

Мажите, од друга страна, работат подобро кога температурата е нешто пониска од просечната, стои во резултатите од истражувањето што беа објавени во списанието PLOS One.

Во истражувањето била тестирана способноста на 500 мажи и жени да извршуваат задачи на различни температури.

На повисоки температури жените покажале подобри перформанси во решавањето математички и вербални задачи, додека кај мажите ситуацијата била поразлична.

Но, важно е да се истакне дека кај жените зголемувањето на перформансите во работењето на потопли температури било „значително поголемо“ отколку намалувањето на машките перформанси во исти услови.

„Нашите заклучоци укажуваат дека кога во работниот простор е потопло, продуктивноста во работењето е поголема“, велат истражувачите.

Резултатите исто така покажаа дека во поладни простории жените морале да носат повеќе слоеви облека како џемпери, шалови, марами, чорапи, па дури и ќебенца, за да се загреат, што им ја отежнувало работата.

Коментирај