Македонија

Жерновски: Општина Центар плаќала милиони за бркање птици и чување на спомениците

14. февруари 2017 - 12:03 | Макфакс

Градоначалникот на Општина Центар соопшти дека претходното раководство на општината предводено од ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 2011 и 2012 година склучило два договори вредни 8.400.000 денари за обезбедување на спомениците од „Скопје 2014“.

За обезбедување биле ангажирани компаниите „Лупус“ ДОО Скопје и „МДН Обезбедување“ ДОО Скопје кои биле регистриани на иста адреса но со различно име и различни сопственици.

Како што беше кажано на седницата за советнички прашања, за тие 135.685 евра се обезбедувале фонтани и спомен-обележја од проектот “Скопје 2014“.

Месечно Општија Центар плаќала 88.000 денари за патролирање и надгледување на плоштадот „Македонија“, како и за контролата на локациите парк „Жена борец“ и „Карпошово востание“.

Пари биле обезбедувани и исплаќани дури и за споменици што во тој момент не биле изградени, туку како што стои во договорот, дополнително ќе бидат поставени, како што се колонадата, мостот “Око“, спомен обележјата на Неџат Аголи, Димитрие Беровски, Христо Узунов, Павел Шатев, Јосиф Багери и други.

Средствата општината ги исплаќала се до отстапувањето на спомениците од „Скопје 2014“ во надлежност на Град Скопје.

„Ова е класичен пример како во општина Центар од претходното раководство се переа и незаконски се трошеа пари на граѓаните. Најверојатно, спомениците се добро чувани, не само од обезбедувачите, туку и од птиците“, рече Жерновски.

Општината уште тогаш алармираше дека неколку илјади евра се плаќало за поставување специјални свирчиња за бркање на птици од спомениците, а за чистење на фонтаните биле ангажирани и двајца нуркачи со комплетна опрема.

Коментирај