Сите паметиме како Зинедин Зидан, во финалето од Светското првенство во 2006 година доби црвен картон, па на тој начин стави крај на неверојатната играчка кариера. Главниот судија на тој меч, Хорасио Елизондо, откри дека ниту тој, ниту пак неговите двајца помошници, не виделе како Зидан го удира Матераци со глава, но за среќа инцидентот го забележа четвртиот судија.
Во финалето од Мундијалот во 2006 година, играа селекциите на Франција и Италија, а веќе беше познато дека тоа ќе биде и последниот меч во кариерата на големиот Зидан. Тој во овој натпревар постигна гол за Франција од пенал, а регуларниот дел од средбата заврши со резултат од 1:1.
Во продолженијата, Зидан доби црвен картон, откако со глава го удри Марко Матераци, а подоцна Италија после подобро изведување на пенали го крена големиот трофеј.
Елизондо призна дека ниту тој, ниту помошниците не го виделе големиот инцидент, но тоа го забележал само четвртиот судија.
„Во еден момент видов како Матераци лежи на под, на околу 30-40 метри оддалеченост од мене, така што го запрев натпреварот. Набргу преку слушалката ги прашав двајцата помошници што се случува, но за мое изненадување тие ми одговорија дека не виделе ништо“, опишува Елизондо.
Тогаш на сцена стапува четвртиот судија, кој Елизондо го карактеризираше како свој „ангел чувар“.
„Ужасно, ударот кој Зидан со глава му го нанесе на Матераци беше ужасен. Зидан со глава го удри Матераци, кога ќе го погледнеш видеото нема да ти се верува“, вака четвртиот судија му објасни на Елизондо, што всушност се случуваше на теренот.
Елизондо, потоа изјави дека кога стигнал до местото на настанот, веќе знаел дека ќе му покаже црвен картон на Зидан, што значеше и крај на кариерата за еден од најдобрите играчи на сите времиња.