Фудбалерите на Шахтар вторпат сезонава го совладаа Реал Мадрид во групата Б од Лигата на шампиони, поради што на „Кралевите“ им се заканува испаѓање од лигата, па по завршувањето на мечот, новинарите го прашаа тренерот Зинедин Зидан дали ќе си даде оставка.
„Не давам оставка, ќе продолжам. Бевме многу добри во првото полувреме. Сѐ ќе беше поинаку ако први постигневме гол. Нивниот гол нѐ погоди силно затоа што игравме добро. Имавме уште две-три шанси. Погодивме во рамки на голот. Топката едноставно не сакаше да влезе“, рече Зидан.
Да потсетиме, Шахтар славеше во првото коло со 3:2 во Мадрид, и украинскиот шампион беше подобар синоќа во 5. коло во Киев, победувајќи со 2:0.
Шахтјор со победата го стигна Реал на табелата и двата тима сега имаат по седум бода, еден помалку од водечката Борусија Менхенгладбах која синоќа го пречека последнопласираниот Интер и изгуби 2:3.
Инаку, Зидан загуби два натпревари во групната фаза од Лигата на шампиони сезонава, колку што нема изгубено во тој дел од натпреварувањето во неговите три претходни сезони во елитната ЛШ.