Култура

Знаете ли што е значењето на култната слика „Врисок“?

23. март 2019 - 15:35 | К.З.

„Врисок“ на норвешкиот уметник Едвард Мунк е една од најпознатите слики во светот, но голем број од луѓето кои се свесни дека оваа слика постои не знаат што е всушност нејзиното значење. На неа не е прикажан само човек кој вреска, туку таа претставува многу повеќе од тоа.

Едвард Мунк ја нацрта оваа слика во 1893 година, а нејзиното оригинално име е на германски и гласи „Der Schrei der Natur“ („Врисок на природата“), но подоцна го доби норвешкото име „Skrik“ („Крик“).  Сепак, таа остана позната по едноставната скратена форма на името – „Врисок“.

„Со сликата ‘Врисок’, Мунк се потсетува на едно спектакуларно зајдисонце во Осло кое го обои небото во драматична црвена боја. Крвавото небо влијаело на уметникот да се чувствува анксиозно, а тој самиот вели дека тогаш почувствувал врисок на природата кој допрел до него. Ова уметничко дело, во голема мера ја прикажува внатрешната состојба на Едвард Мунк“, вели Џулија Бартрум, кустос на изложбата посветена на Едвард Мунк во Лондон.

Британскиот музеј во Лондон ќе изложи црно-бела литографска верзија на сликата на која Едвард Мунк на германски јазик напишал дека почувствувал голем врисок на природата. Рацете над ушите кај морничавата фигура го претставуваат обидот на протагонистот да го блокира врисокот на природата.

„Брановидните линии на фигурата на сликата го претставуваат она што Мунк го чувствува. Тоа можете да го поврзете со личното расположение. Секој имал такви моменти на очај“, појаснува Бартрум.

Музејот во Лондон се подготвуваше за оваа изложба веќе пет години, а сега сѐ е подготвено за изложбата на делата на Мунк, која ќе трае од 11 април до 21 јули.

Коментирај