Авто новости

Зошто Британците не сакаат електрични автомобили?

29. ноември 2018 - 15:43 | К.З.

Истражувањето спроведено во почетокот на ноември открива дека дури 60% од луѓето во Велика Британија не сакаат да купат електричен автомобили како нивно следно возило.

Без разлика дали се работи за погрешно или недоволно информирање, голем дел од Британците не сакаат ни да слушнат за поседување на електричен автомобил. За ова сведочат резултатите од истражувањето кое беше направено на територијата на Велика Британија во текот на овој месец.

Најголемиот дел од луѓето, околу 47%, сметаат дека Велика Британија нема доволно добра инфраструктура за полнење на електричните возила. Ова упатува на заклучок дека тие не се доволно информирани, бидејќи во текот на 2018 година беа инсталирани двојно повеќе станици за полнење на електрични возила отколку што имаше до 2017 година.

Околу 39% веруваат дека едно полнење на батеријата не трае доволно долго за да биде практично за патување. И повторно, ова звучи како неинформираност од страна на анкетираните луѓе бидејќи во 2018 година просечниот електричен автомобил може да помине преку 180 километри со едно полнење, додека некои специјални модели поминуваат и преку 500 километри со едно полнење.

Помал број од нив, вкупно 38%, веруваат дека електричните автомобили се прескапи за да може да си ги дозволи едно домаќинство. Точно е дека овие возила се поскапи од дизел и бензинските автомобили, но голем број земји го поттикнуваат купувањето на електрични автомобили преку субвенции и неповратни заеми со кои го поштедуваат паричникот на купувачот.

Само 27% од испитаниците сметаат дека перформансите и издржливоста на електричните автомобили се дискутабилни и недоволно проверени за да оправдаат купување на такво возило, додека 21% од луѓето велат дека изборот на електрични возила е едноставно премногу мал.

Коментирај