Свет

Зошто Хитлер не ја покорил Швајцарија?

17. јули 2017 - 20:11 | А.С.

Швајцарија ја поминала Втората светска војна непокорена, но не и незасегната. Опстанала како слободна, демократска земја во Европа што тогаш треперела под окупаторската чизма на нацистите, но исто така и соработувала со Третиот рајх.

Точно е дека Швајцарија чувала милијарди долари во злато што нацистите го одзеле од жртвите на Холокаустот, но не треба лесно да се етикетира како нацистичка марионета. Треба да се знае дека Германија за малку ќе извршела инвазија на Швајцарија.

„Во Швајцарија има најодвратни и набедни луѓе и политички систем. Швајцарците се смртен непријател на модерна Германија“, му се пожалил Хитлер на Мусолини на една нивна средба во јуни, 1941 година.

По поразот на Франција летото 1940 година, со што Третиот рајх станал доминантна сила во Западна Европа, Германците планирале да ја покорат и Швајцарија. Операцијата „Таненбаум“ требало да ги вклучи германските трупи од Франција, Германија и Австрија, а Италијанците требало да делуваат од југ.

„Ненадеен напад од Женевското Езеро до Констанца, кон центарот на земјата“, гласел планот. „Мораме да ја притиснеме Швајцарија на брзо предавање со употреба на екстремна супериорна сила.“

Силите на Оската имале достојни противници. Исто како Шведска, Швајцарија ја бранела својата неутралност со оружје, а нејзините платеници ја плашеле Европа уште во 15. век.

Сите мажи во Швајцарија биле воено подготвени и на готовс, а исто така имале пушки што ги чувале дома за во случај на мобилизација. За земја од сѐ на сѐ 4 милиони жители во тоа време, Швајцарците имале импресивна војска од околу 850.000 луѓе. Исто така, Швајцарија е планинска земја, што значи дека германските тенкови ќе биле бескорисни на нејзина територија.

Швајцарија по војната тврдела дека единствено нешто што го спречило Хитлер да ја освои бил фактот дека имала многу наоружани луѓе. Сепак тоа е малку веројатно.

Нацистите веќе ја освоиле Франција, чија војска важела за една од најдобрите во Европа, и тоа за само шест недели. Швајцарија би се спротиставила со народна милиција без тенкови, артилерија и борбени авиони. Иако е планинска земја, најнаселените делови сепак се во рамнинските делови што лесно можело да бидат прегазени.

Тогаш, зошто нацистите не ја окупирале Швајцарија?

Најверојатно во тоа го спречила инвазијата на Русија, иако Германците продолжиле да собираат средства за окупирање на Балканот пролетта, 1941 година. Можеби Швајцарија едноставно била премногу корисен посредник меѓу нацистите и светската економија. Во секој случај, во војната влегла и излегла како слободна земја.

Коментирај