После долги години Мексиканската фудбалска федерација претстави ново лого, многу поразлично од досегашните.

Препознатливото лого на дресовите од фудбалската репрезентација на Мексико замина во историја. Сега ново лого ќе проба достојно да го замени старото.
Во вторникот вечерта Мексиканците јавно го претставија конечното решение за новиот дизајн на логото под кое фудбалерите ќе ги бранат боите на својата земја. Новото лого го содржи името на земјата со големи букви, а орелот сега делува повеќе апстрактно.
Сменет е и познатиот Сончев камен на Ацтеките кој сега е модернизиран до непрепознатливост, а смалена е и топката. Збогатени се боите од националното знаме, а исфрлен е натписот на Фудбалската федерација на Мексико.

„Дојде време да ги издвоиме најдобрите делови од нашето минато, но и да се модернизираме. Не можевме да дозволиме да дојдеме до 2026 година (кога Мексико ќе биде кодомаќин на Мундијалот со Канада и САД) со лого кое повеќе не е современо. Ова ни беше шанса која моравме да ја зграпчиме. Имавме среќа да добиеме совети од неколкумина дизајнери, и на крајот, добивме и огромна поддршка од напшите спонзори и комерцијалниот партнер Adidas. Нивната дизајнерска експертиза ни овозможи да го создадеме ова ново лого. Го тестиравме преку фокус групи низ цело Мексико и резултатите беа многу позитивни“, вели претседателот на ФМФ, Јон де Луиса, говорејќи за The Athletic.

Кога на дресовите ќе дебитира новото лого, останува да видиме. Мексико има пријателски натпревар на 8 декември против Чиле на неутрален терен во САД, па можеби токму тогаш мексиканските фудбалери ќе истрчаат со новото лого на градите. Ако не, потоа им следуваат три натпревари на крајот на јануари и почетокот на февруари во рамките на квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар.
Низ историјата логото на Мексико секогаш било речиси идентично, со одредени измени. Секогаш кога воведуваа ново лого тоа ја задржуваше основата структура со Орелот што стои на Сончевиот камен, кој е пак целосно доаѓа до израз. Но, сега е ново време...
