Во денешното општество, нешто постојано се случува, ние сме во постојано движење, така што тишината е ретка, а за многумина е дури и непријатна.

Некои сметаат дека е губење време, а други, иронично, луксуз што многумина не можат да си го дозволат. Стравот од тишина е толку вклучен во нашите животи што дури и кога сме сами се обидуваме да останеме во некој вид разговор преку преписка со пријатели, слушање музика, гледање телевизија и прелистување на социјалните мрежи.
Токму на социјалните мрежи се чини дека луѓето најмалку знаат да замолчат, а сѐ почесто во ситуации и на теми на кои навистина немаат ништо (корисно) да кажат. Да се биде информиран и во тек со настаните и случувањата е важно, но не мора да имате мислење за сѐ, а уште помалку е потребно да го споделувате со јавноста онлајн. Многу често помислувам на тоа дека луѓето заборават дека во модерното, дигитално време сите сме еден вид медиум, пренесуваме информации и мислења побрзо од кога било досега. Ние сме неформалниот извор на информации за нашите најблиски, познаници, колеги, соработници... многу луѓе веруваат во нашиот добар „филтер“ и разумна проценка. Внимателно со зборовите – информацијата е како паста во туба, откако ќе ја истиснете надвор, нема враќање назад.
Не заборавајте дека мудроста честопати лежи во тишината, а тоа подразбира и тишина на социјалните мрежи. Обидете се да не зборувате (објавувате на Фејсбук) во ситуации кога обично зборувате и ќе сфатите дека тишината е моќ. Добро е да го практикувате ова одвреме-навреме, но кога и како?
Често се цитирани ставовите на филозофите, научниците, писателите - луѓе посветени на размислување во самотија и тишина. Така, големиот персиски мислител Руми рекол: „Тишината е јазик Божји, и сè друго е лош превод“. Ставот на Ганди е: „Зборувајте само кога тоа е подобро од тишината“, а Марк Твен пишува: „Вистинскиот збор може да влијае на луѓето, но нема збор што е помоќен од тишината во вистинскиот момент“.
Има и други познати цитати. Алберт Ајнштајн, на пример, вели: „Ако молчев, можеше да бидам прогласен за виновен за соучесништво“.
Лу Холц, познат американски писател и мотивациски говорник, смета дека никогаш не треба да зборуваме за нашите проблеми со другите. „На 20% од соговорниците воопшто не им е гајле, а на другите 80% ќе им биде мило што имате проблеми“, вели тој.

Затоа, да заќутиме, особено на социјалните мрежи, и тоа:
Кога не сте сигурни што да кажете, особено кога сте збунети од вашите чувства. Тогаш подобро е да почекате појасно да се дефинира ситуацијата - погрешни зборови можат да предизвикаат штета што е тешко да се поправи.
Кога сакате „конечно да кажете сè в лице“. Веројатно ве обземаат силни емоции и веќе го правите концептот за вашиот најнов Фејсбук статус. Земете длабоко воздух неколку пати и размислете за последиците што ќе ги предизвикаат вашите зборови.
Кога друг зборува, особено ако неговата/нејзината приказна е важна. Почитувајте ја личноста која проговорила (напишала) нешто на тема важна за неа. Поддржете ја без да побрзате да ја споделите и својата приказна во коментар. За сè има време и место.
Во вжештени дискусии, тишината може да биде најдобриот сојузник. Кажете што мислите, а потоа замолчете и оставете соговорникот да донесе заклучоци - така да оставите впечаток дека сте сигурни во своите ставови и да покажете почит кон другата страна, дозволувајќи ѝ да каже што сака.
Цврсто верувам дека треба да се биде гласен против неправдата и да се биде гласот на оние кои се замолчени. Но внимателно со статусите понесени од идеали – понекогаш може да направиме поголема штета со избрзани зборови и ставови. И секако, контекстот е многу важен.
Не молчете ако тоа би значело, како што рекол Ајнштајн, соучесништво во лошо дело; не молчете ни кога сте единствениот кој има можност да зборува во име на друг, кому му е ускратено тоа право, и можете да го заштитите со вашите зборови.