Фудбал

Зошто Модриќ им даде предност на Русите во изведувањето пенали?

11. јули 2018 - 9:39 | А.С.

Можноста да се бира дали први ќе изведувате пенали за решавање на натпреварот е голема предност. Можноста да изберете да изведувате пенали први, а да им ја дадете предноста на другите, може да се покаже како голема грешка.

Хрватскиот капитен Лука Модриќ во дуелот со Русија во четвртфиналето од Светското првенство го доби фрлањето на паричката и по советувањето со соиграчите и селекторот, реши Хрватска да шутира втора. Со тоа, според аналитичарите, им даде голема предност на Русите.

Претходни истражувања покажале дека на големи турнири, дури 95% од репрезентациите кои го добиле фрлањето на паричката избрале први да изведуваат пенал. Имено, паричката статистички дава околу 20% поголеми шанси за триумф на репрезентацијата што ќе шутира прва.

Зошто? Анализата во која биле опфатени 240 фудбалери и тренери покажа дека дури 96% од нив чувствуваат поголем психолошки притисок ако шутираат втори. Тој притисок расте кога изведувањето влегува во завршна фаза.

Поради сево ова ФИФА размислува за воведување на поинаков и пофер систем, сличен на тај-брејк во тенисот, при што тимот А и тимот Б нема да ги изведуваат пеналите со редослед АБ, АБ... туку АБ, БА...

Зошто тогаш Модриќ во договор со соиграчите избра Хрватска да изведува пенали втора?

Спортската редакција на англискиот весник „Mirror“ има своја теорија: хрватските фудбалери сакаа да ја продолжат традицијата на ова Светско првенство, а тоа е дека победува оној кој шутира втор.

Шпанецот Андрес Иниеста го изведе првиот пенал против Русија, а Русија отиде понатаму. Кристијан Ериксен прв шутираше пенал против Хрватска, а Хрватска ја исфрли Данска. Колумбиецот Радамел Фалкао прв шутираше против Англија, а накрај тажна си замина Колумбија.

Хрватска против Русија само ја продолжи традицијата, па големи се шансите Модриќ и против Англија да избере Хрватска втора да изведува пенали, ако дојде до тоа, бидејќи победничките навики тешко се менуваат.

Општата статистика, сепак, уште го покажува спротивното.

Хрватска и Англија играат денеска, 11 јули, од 20 часот, на стадионот „Лужники“ во Москва.

Коментирај