Живот

Зошто некои луѓе сакаат мачки, додека други повеќе сакаат кучиња?

22. мај 2019 - 15:01 | Б.С.Б.

Тоа што повеќе ги сакате кучињата ви е запишано во ДНК-та, тврдат научниците. И додека едни објаснуваат дека кучињата се поверни и попаметни, па затоа ги сакаат, љубителите на мачки често ги бранат со ставот дека и тие имаат своја личност. Но, научниците тврдат дека ништо од тоа не е причина зошто ги сакаме овие животни.

Тим шведски научници спроведе истражување споредувајќи ја генетиката на 25.035 парови близнаци. Додека идентичните близнаци делат цел геном, неидентичните близнаци делат половина геном. Анализирајќи го ова, научниците успеале да го споредат влијанието на околината и влијанието на генетиката.

Судејќи според истражувањето, ако една половина од идентичните близнаци поседува куче, поголеми се шансите и двајцата да имаат куче, а научниците тоа го припишуваат на делењето геном. Од друга страна, кога станува збор за неидентичните близнаци, далеку се помали шансите двајцата да имаат куче. Уште еден фактор што може да влијае за тоа дали близнаците делат љубов кон кучиња е што живеат во исто опкружување од детство.

„Откривме дека генетските фактори одлучуваат дали некој сака или не сака кучиња, а се проценува дека овие гени ги наследуваат околу 57 проценти од жените и 51 процент од мажите“, стои во студијата.

Авторот на истражувањето, Тов Фол вели дека е изненаден од податокот дека генетиката има толкава улога на тоа дали некој човек сака или не сака кучиња.

Коментирај